Позитивни реакции од министерството за култура и локалната самоуправа околу барањето на Центарот за култура „Григор Прличев“ за изградба на нови современи простории со што би се подобриле и условите за работа на охридскиот Народен театар.

Изградбата на дополнителни простории би го подобрило функционирањето на центарот и театарот, но ќе значи многу и за самиот град како културен центар. Прецизно кога тоа ќе се случи не можам да кажам, но она што е сигурно е дека тоа нема да се случи во текот на 2014 година, бидејќи таков проект не е опфатен со одобрената програма од страна на министерството за тековната година. Се разгледуваат повеќе опции, меѓу кои и можност за изградба на нов објект, но сеуште не е одлучено дали би се изградил во рамки на постоечкиот објект на центарот за култура или како посебна зграда. Во постојана комуникација сме со надлежното министерство и локалната самоуправа каде наидовме на позитивни реакции, вели  директорката на Центарот за култура, Драгана Боцевска.

Она што ќе се гради во 2014 со средства добиени од страна на министерството за култура се двете помошни простории над галеријата во објектот, каде ќе се одржуваат и читачки проби за претставите.  За оваа цел од буџетот на државата се издвоени еден милион денари.

Т.К.