Јавното претпријатие “Градски пазар”, годинава, планира да изврши осовременување, модернизација и подобрување на условите за работа во охридскиот пазар.

Со годишната програма за работа на претпријатието се предвидува да се изврши покривање на дел од пазарот со церада или друг соодветен материјал врз претходно поставена метална конструкција, кое ќе се врши по фази во зависност од финансиските можности на јавното претпријатие.Со тоа, велат од претпријатието, ќе се подобрат условите за корисниците на услугите во пазрот и значајно ќе се подобри естетскиот изглед на просторот.


Во текот на годината ќе се асфалтираат патеките помеѓу тезгите, ќе се набават нови тезги за продажба на земјоделски производи, со кои ќе се заменат дотраените. Ќе следи и санација на атмосферската канализација, поставување на ограда на делот од зелениот пазар кој не е ограден, внатрешно осветлување на просторот, а предвидено е и поставување на видео надзор на главните влезови од пазарот, вели директорката на ЈП Градски пазар, Живка Ангелоска.

Предвидено е и осовременување на дел од просторот во халата за текстил, каде ќе се обезбеди простор за продажба на прехранбени производи од органско потекло, каде ќе бидат поставени и затворени боксови за продажба на јајца, при тоа запазувајќи ги стандардите на НАССЕР системот.

Од страна на локалната самоуправа во неколку наврати се најавуваше изградба и на нов современ пазар во Охрид, но како што информира градоначалникот Александар Петрески, овој проект не се реализира поради тоа што општината до неодамна не беше во влезена во втората фаза од процесот на децентрализација. Реализацијата на овој проект градоначалникот го најавува како еден од приоритетите на локалната самоуправа во периодот кој следи.  

OhridNews