,,Меѓуетничката недоверба и растечкиот национализам, сериозна опасност која опоменува” беше темата на јавната расправа што деновиве ја одржа Сојузот на борци од општините Охрид и Дебрца.

На расправата беше потенцирано дека масовно присутните појави на меѓуетничките поделби, се повеќе го пумпаат радикалниот назионализам.

-Тоа што власта со леснотија минува преку ваквите состојби, што презема неефикасни и јалови мерки, зборува само за тоа дека и ваквите негативности ги става во функција на своите партиски интереси да дојде или да остане на власт. Во ваквиот површен однос на власта кон овие состојби, нашето членство препознава национализам кој и одговара на владеачката гарнитура но не и на народот, стои во заклучоците од јавната дебата.

Охридските борци сметаат дека за сузбивањето на национализмот треба да бидат применети соодветни мерки во образованието, во делувањето на верските заедници, во мерките на судските органи, во одговорноста на родителите, а  политичките партии мора да го напуштат стилот на јазикот со кој се шири меѓуетничка, расна  и националистичка омраза.

OhridNews