Советот на Општина Охрид , на  денешната седница, по предлог на градоначалникот Александар Петрески донесе заклучок, со кој од Владата на Република Македонија, побара субвенционирана цена на нафтата за греење во училиштата и за работа на Јавните претпријатија. Покрај тоа советниците одлучија да побараат и привелегирана цена на електричната енергија за МЈП „ Проаква“.

-Советот на Општина Охрид , изразува сериозна загриженост од најновите поскапувања на енергенсите и нивното влијание врз работата на образовните институции и јавните претпријатија, па затоа од Владата на Република Македонија побара субвенционирана цена на нафтата за потребите на училиштата и Јавните претпријатија за нормално извршување на дејноста, на износ од 50 денари за литар за превоз и 40 денари за литар за греење. Овој износ се бара поради недоволните  средства кои што Владата ги трансферира до единиците на локалната самоуправа, за оваа намена, стои во писменото соопштение на Општина Охрид.

Во него се појаснува дека советот им  препорача на менаџерите на Јавните претпријатија и образовните институции, да отпочнат изнаоѓање на алтернативни извори на греење како што се соларно греење или пелети, со цел да се намалат трошоците.

Заклучокот и барањата ќе се достават до Владата на Република Македонија , ЗЕЛС, АДКОМ и директорите на Јавните претпријатија и образовните институции.

OhridNews