Охридскиот Народен театар ќе добие нова сценска, светлосна и тонска опрема. Како што информираат од министерството за култура, новата опрема ќе се состои од разни типови рефлектори, ламби, пултови, соодветни кабли, звучници, засилувачи на звук, аудиомиксери, микрофони, завеси и други сценски реквизити.

Освен охридскиот театар, ќе се подноват и  Драмски театар-Скопје и Театар „Комедија“, Театарот за деца и младинци, Народен театар Битола и театрите што работат во центрите за култура во Прилеп, Куманово, Струмица и Штип.

За оваа цел министерството за култура, ќе објави тендер за набавка на сценска, светлосна и тонска опрема за девет од вкупно 15 институции кои вршат театарска дејност во Македонија.

Како што рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска,за реализација на проектот за набавка на сценска, светлосна и тонска опрема направена е  сеопфатна анализа и обезбедени се детални информации за постоечката опрема која ја користат театарските институции, како и за опремата која им е неоходна за непречена реализација на театарските претстави.

Опремата за театарите ќе се набавува три години, а вредноста на набавката е 20 милиони денари.

OhridNews