За првпат на „Охридско лето“ ќе настапи  новоформираниот Народен театар од Охрид кој премиерно ќе ја изведе претставата „Кабаре Мистериозо“.


– Оваа година се случи нешто најубаво, голема среќа за целата театарска фела во Македонија, затоа што отворањето на театар значи отварање на куќа на уметноста, возбуда, волшебства…Охрид доби театар, а после 51 година од своето опстојување на фестивалот „Охридско лето“ ќе имаме премиера токму во изведба на новоформираниот градски театар, истакна драмскиот селектор на фестивалот, Ѓорѓи Јолевски.

Тој подвлече дека настапот на Охридскиот театар на „Охридско лето“ е голем ден, како за фестивалот, за новоформираниот театар, за градот Охрид, така и за уметноста во Македонија во целина.


Уметничкиот раководител на Охридскиот театар, актерот Горан Стојановски, вели дека e постигната историска цел и ги повика сите на 15 август да дојдат и да ја проследат претставата.

– Задоволството е дотолку поголемо што можеме оваа претстава премиерно да ја прикажеме на нашиот најголем фестивал. Среќата моја е неизмерна, љубовта кон театарот е покажана преку ентузијазмот на овие млади луѓе, рече Стојановски.


Режисерот на претставата, Дејан Дамјановски, истакна дека „Кабаре Мистериозо“ на италијанскиот нобеловец Дарио Фо, е возбудлива плоштадна претстава во која публиката ќе ужива.

– Во оваа претстава публиката ќе може да види актери кои глумат, пеат, танцуваат, но изразуваат и свои ставови кон теми што ги засегаат обичните луѓе, изјави Дамјановски.


Преставата „Кабаре Мистериозо“ која изобилува со многу хумор и сатира, ќе биде изведена на сцената во Предворјето на Света Софија, на 15 август со почеток од 21 часот.

OhridNews
фото:Емилио