По повод Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22-ри мај, во организација на Секторот за урбанизам и заштита на животната средина и нуркачкиот центар  „Амфора“, на градскиот плоштад во Охрид денеска се одржа промоција на тркалезниот сунѓер (Ochridaspongia rotunda) – ендемски вид кој единствено живее во Охридското Езеро.


Во изминатите неколку месеци нуркачите од „Амфора“ направија подводни снимки и фотографии и извадија примероци од Охридскиот тркалезен сунѓер, кој денеска за прв пат беше претставен пред пошироката јавност.


– Како ендемски вид Охридскиот сунѓер речиси да не и е познат на јавноста. Тој живее на длабочина од 30 до 125 метри и во  колонии, а претежно гравитира на просторот кај Градиште. Недостапен е за пошироката јавност, а покрај научната вредност сметам дека промоцијата на вакви ретки видови може да придонесе за развој на нуркачкиот туризам.-изјави Милутин Секуловски од нуркачкиот центар „Амфора“.


Во проектот што го финансираше Општина Охрид, учествуваше меѓународна екипа, меѓу кои и младиот Исмет Бједиќ од БиХ.

-Прекрасна е глетката на местата каде живеат колонии на Охридскиот тркалезен сунѓер и тоа само треба да се доживее, вели Бједиќ.


Охридскиот тркалезен сунѓер живее на места каде температура на водата е помеѓу  6-8 степени Целзиусови. Со крупни димензии, со дијаметар во основата од 13 сантиметри тој живее прицврстен на празни остатоци од школки или на некоја цврста подлога или камче. Од Одделението за заштита на животна средина, сметаат дека промоцијата на Охридскиот тркалезен сунѓер ќе придонесе за подигање на јавната свест за природното богатство и разновидност која ја има во Охридското Езеро.


-Со оваа промоција верувам дека Охридското Езеро, покрај по охридската пастрмка, од сега ќе биде познато и по Охридскиот тркалезен сунѓер.-изјави Хавза Реџеп Каќел, од Одделението за заштита на животната средина.


Промоцијата на  Охридскиот тркалезен сунѓер предизвика големо внимание кај охриѓани и гостите кои во разговор со експертите и преку флаери денеска имаа можност да се запознаат со овој редок ендемски вид кој со милиони години живее во Охридското Езеро.
Г.Момироски