Охридскиот Црвен крст годинава доби највисока оценка од националната комисија за оценување на проекти, во рамки на програмата „Црвен крст во акција – Промоција на хумани вредности“ (ЦКА-ПХВ). За овој успех, на Црвениот крст ќе му биде врачен Пехар на ПХВ програмата за 2014 година.

Доделување на пехарот од страна на претставници на Националната комисија за оценување на проектите ќе се случува на посебна свеченост која ќе се одржи утре во големата сала на Општина Охрид со почеток во 12 часот.

Во последниот циклус на ЦКА-ПХВ програмата од 2013-2014 година, тимот на ПХВ на Црвен крст Охрид со преку 30 младинци изработи 6 проекти преку кои директно помогна на повеќе од 100 лица од Охрид.

-ПХВ е програма која со години наназад континуирано се имплементира во Македонија од страна на организациите на Црвениот крст. Целта е вклучување на младите во заеднички проекти за помош на ранливите категории, преку кои ќе се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог, како основен предуслов за создавање на интеркултурно општетство. Во рамките на програмата и активностите за Промоција на хумани вредности, Црвен крст Охрид од 2004 година до денес реализирал преку 100 проекти во чија имплементација активно учествувале повеќе од 500 млади, кои промовирајќи ги вредностите и принципите на Црвениот крст, помогнале на повеќе од 100 семејства во локалната заедница, појаснуваат од Црвениот крст од Охрид.

Од таму изразија благодарност до сите млади кои учествувале во реализацијата на ПХВ програмата во овој циклус и до сите поединци, фирми и институции кои ја помогнале реализацијата на ПХВ проектите.

Инаку Црвен крст Охрид и во 2011 година беше носител на највисокот признание Пехар на ПХВ програмата.