Веќе неколку месеци во пекарите на најголемиот ланец маркети на белгискиот гигант„Delhaize“, „Маxi“, граѓаните на соседна Србија имаат можност да вкусат био и традиционален охридски варен ѓеврек од најголемиот пекарски бренд во земјава АД „Жито Леб“ Охрид.
Во изминатиот период, стручни тимови на АД „Жито Леб“ извршија едукација на вработените во пекарниците на „Маxi“, бидејќи се работи за производ „смрзнат охридски варен ѓеврек“, за кој е потребно допекување на лице место.
Од охридскиот пекарски гигант информираат дека пробивањето на српскиот пазар се одвива задоволително, побарувачката на пазарот за производите на „Жито Леб“ е голема, а веќе се преземаат конкретни активности за реализација за извоз на производите од програмата „Апетисимо“.
Исто така, остварени се контакти и има конкретни преговори со деловни партнери и во други земји од регионот, меѓу кои Хрватска, Словенија, Албанија, Косово и Грција.
Еден од главните приоритети на АД „Жито Леб“ е и освојување на пазарот преку инвестирање во нови програми и развој на производството.
-Секојдневно се шири продажната мрежа во Македонија. Покрај новотворениот млечен ресторан кај градскиот пазар во Охрид, од неоддамна таков функционира и кај Факултетот за физичка култура во Скопје.-информираат од „Жито Леб“.
Од компанијата најавуваат нови инвестиции и вработувања во земјава, со проширување на продажната мрежа по принципот на франшиза.
OhridNews