Во Охрид како туристички центар, во кој циркулира голем пазар на недвижности, треба да има посебен шалтер или службеник во Подрачното одделение за катастар, кој ќе работи за потребите на агенциите за продажба на недвижности, бараат дел од охридските агенти за недвижности. Тие се жалат дека со тоа што секојдневно чекаат на шалтерите на катастарот се соочуваат со низа проблеми во работењето.
-Многу често на шалтерите во катастарот има редици на граѓани, а ние како агенти сме принудени да чекаме во редот, а за тоа време мора да ги затвориме канцелариите или да ги оставиме клиентите да чекаат, што ни нанесува голема штета врз работењето. Ова е значителен проблем при соработката со странските клиенти, кои се заинтересирани за купување на недвижности во Охрид и на кои е тешко да им се објасни дека нашиот ситем на вадење и подготвување на катастарски документи е бавен и дека треба да се чека, вели сопственик на агенција за недвижности од Охрид.
Тој објаснува дека освен на шалтерите, агенциите за недвижности би требало да имаат привилегија и во решавањето на предметите.
-На пример имавме случај за продаден стан во Охрид на германски државјанин од Берлин. Јас не можев да му објаснам дека една од службеничките во катастар е на одмор и дека предметот бил распореден кај неа, па мора да почекаме таа да се врати од одмор, за да ги земеме потребните документи. Секако ова резултираше со незадоволство кај клиентот, раскажува нашиот соговорник.
Тој вели дека за да се надмине овој проблем, тие како агенти се подготвени да платат и одреден дополнителен надоместок на катастарот, само да можат побрзо да ги вадат потребните катастарски документи.
Од Агенцијата за катастар на недвижности велат дека ниту со Законот за катастар на недвижности ниту со некој друг закон не е уреден посебен начин на соработка помеѓу Агенцијата за катастар на недвижности и Агенциите за продажба на недвижности.
-Агенцијата за катастар на недвижности согласно одредбите од член 31 од Законот за катастар на недвижности може да врши дистрибуција на своите податоци во електронска форма и преку други државни органи, јавни служби и други правни лица, па во функција на истото преку апликацијата Е-кат шалтер секој од овие субјекти вклучувајќи ги и Агенциите за продажба на недвижности може да побара склучување на ваков договор со Агенцијата за катастар во кој ќе бидат уредени условите и начинот на добивање на податоците, информираат од Агенцијата за катастар на недвижности од Скопје.
Од таму потенцираат дека посебно уредена соработка Агенцијата за катастар има со субјектите со пренесени јавни овластувања.
-Нотарите како јавна служба со пренесени јавни овластувања исто како и единиците на локалната самоуправа и сите други субјекти со пренесени јавни овластувања, имаат обврска исправите за правен основ по службена должност, по електронски пат да ги доставуваат до Агенцијата за катастар, заради што покрај тоа што имаат можност да склучат договор за користење на Е-кат шалтер, должни се да склучат и договор за користење на Е-шалтер преку кој ги доставуваат наведените исправи. Ваква обврска и можност со посебен закон не е пропишана за Агенциите за продажба на недвижности, велат надлежните од Агенцијата за катастар на недвижности од Скопје.
Тие појаснуваат дека во Законот за катастар на недвижности прецизно е пропишан рокот за постапување по исправите за купопродажба на недвижности.
-Доколку се врши промена и на катастарскиот план и во катастарскиот операт, овој рок изнесува три дена, а доколку се врши промена само во катастарскиот операт рокот е еден ден, нагласуваат од Агенцијата за катастар и додаваат дека висината на надоместокот за издавање на Имотен лист е пропишана со Тарифник и истата изнесува 125 денари за надоместок и плус 50 денари за административна такса.
Е.М