

Бродарите ја обвинија Капетанијата дека нема слух за нивните проблеми и дека со месеци се игнорираат нивните барања да се стави ред во внатрешната пловидба. Според нив изборот на „Биро Веритас“ за овластен регистер исто така ќе биде на штета на бродарството затоа што услугите на оваа реномирана компанија се 400% поскапи од тие на регистрите од Србија или Бугарија, кои како солуција Здружението на бродари ги понудило на Министерството за транспорт.

Забрана за пловидба ќе трае се додека бродарите не извршат технички преглед кај овластениот регистер „Биро Веритас“. Бродарите велат дека доколку сега ја отпочнат таквата процедура истата ќе трае долго и ќе ја пропуштат сезоната. Затоа тие предлагаат наместо основен, да се изврши редовен технички преглед и тоа да го направи некој од регистрите во соседството кој тоа може да го реализира за неколку дена.

Во споротивно, велат бродарите, во прашање ќе биде доведена и безбедноста на туристите кои за подалечните дестинации на Охридското Езеро сега наместо со бродови ќе патуваат со кајчиња кои не можат да пловат во секакви услови. Бродарите кажаа дека ќе ја почитуваат забраната, но побараа Министерството за транспорт исто така да ги чуе нивните забелешки и да се изнајде решение за новонастанатата состојба.
„Bureau Varitas“ ќе ги контролира пловните објекти во Македонија











