Голем број охриѓани присуствуваа на хуманитарната забава што во спомен на Јован Слатинец – Dj Mravka се одржа синоќа во ноќниот клуб „Куба либре – Хавана“. Настанот заеднички го организираа охридските диџеи и Црвениот крст, а собраните средства ќе бидат наменети за помош на ранливите категории граѓани.



-Го организиравме овој настан со цел да не се заборави Dj Mravka, кој беше извонредна личност, импулсивен, полн со енергија и залагање за добра забава. Дојдовме до идеа да ја реализираме нашата замисла преку охридскиот Црвен крст со цел собраните средства од хуманитарниот хепенинг да бидат насочени таму каде што е најпотребно,
изјави Dj Juksel еден од најискусните диџеи не само на охридската клубска сцена, туку и пошироко.


Иако млад го напушти овој свет пред три години, Dj Mravka (29) остави исклучителен белег во забавниот живот во Охрид. Неговите колеги се сеќаваат на забавите на Dj Mravka и пред се на неговиот темпераментен карактер со кој ја освојуваше публиката.

-Секогаш беше насмеан, беше одличен  диџеј кој уживаше во добра забава, но пред се беше  голем другар, вели Dj Buce.


-Dj Mravka секогаш ќе го паметам како ведар и позитивен лик кој што знаеше и во најтешки денови да ги расположи луѓето. Беше добар диџеј кој остави белег на клубската сцена во Охрид, која за жал згаснува, додава Dj Jane.


Неговото мислење го делат и повозрасните колеги, според кои клубската сцена во Охрид речиси и да не постои повеќе.

Денес клубска сцена во Охрид не постои, имаме комерцијална сцена со измешани стилови и ритмики, склоп кој наликува на андерграунд, но не е тоа. Се зависи од економската моќ, ако сме богати има добра забава, ако сме сиромашни таква ни е и забавата. Некогаш имавме добра клубска сцена, но за жал повеќе ја немаме, вели Dj Juksel.

-Се е сменето и музиката и младите. Ништо не е како порано, додава Dj Buce, посочувајќи дека денес, за жал, најголемиот дел од времето младите го поминуваат на социјалните мрежи кои не можат да ја заменат вистинската забава.



Oхридските диџеи со хуманиранта забава се потсетија на  Dj Mravka

Благодарност до охридските диџеи упати Црвен крст Охрид кој се заблагодари на сите посетителите на хуманитарната забава организирана во чест и сеќавање на Dj Mravka. Благодарност Црвениот крст упати и до сопственикот и  персоналот на клубот „Куба либре – Хавана“ до печатницата „Мр.Фруит“, како и до сите волонтери кои  со својата посветеност и придонесоа да се реализара оваа хуманитарна активност.

Г.М.