Стоп за дискриминацијата на Египќаните и вклучување на претставници на оваа етничка заедница во Државната пописна комисија, побараа неколку стотини граѓани кои денеска протестираа во Охрид.


– Се врши дискриминација од страна на државата, поточно од Државната пописна комисија каде воопшто не е предвидена можност Египќаните да бидат дел по било кој основ од пописниот процес, со што се прекршуваат човековите права, законите, Уставот и меѓународните конвенции чиј потписник е Република Македонија.-изјави за OhridNews, Рубин Земон, од Сојузот на Балканските Египќани, кој заедно со неколку други невладини организации и здруженија, го организираа денешниот протест во Охрид.


Претставници на Египѓаните денеска врачија протестно писмо до подрачната единица на Државниот завод за статистика, и упатија писмени барања за подобрување на правата на Египќаните до пратениците во Парламентот од Охрид, до Советот на општината и градоначалникот Александар Петрески.

-Египѓаните од осамостојувањето на Македонија се нејзини лојални граѓани, но две децении државата не вложила ниту денар за помагање на ниту една културна манифестација на Египќаните. Доколку ние во оваа земја немаме никакви права, тогаш ќе побараме од институциите да бидеме ослободени и од обврски кон државата.- додаде Земон.

Протетстот на Египќаните мина во мирна атмосфера и без инциденти.

OhridNews