Здружението на Египќани во Р.Македонија апелира до Центарот а социјални работи –  Охрид да ги преиспита одлуките по однос на доделувањето на решенијата за користење на социјална помош, поради тоа што според сознанијата на оваа невладина организација околу 300 семејства се одбиени за користење на социјалната помош. Во соопштението на Здружението се наведува дека овие  семејства се нааоѓаат во екстремно лоша финансиска состојба и симболичната парична помош изразена како социјална субвенција од државата на оваа етничка заедица им е повеќе од потребна.

Oваа етничка заедница не е спомната во Преамбулата на Уставот, не може потполно да ги ужива своите права и се наоѓа на маргините на опшеството, бидејќи е крајно дискриминирана, а како последица на тоа поголем дел од населението се наоѓа во тешка финансиска ситуација и е препуштенo на себе да се снајде како што знае, стои понатаму во соопштението.
 
Според Здружението на Египќаните  доколку државата го признае постоењето на Египќаните во Република Македонија како етничка заедница тогаш истите ќе немаат потреба да аплицираат за користење на социјална помош, и нивното интегрирање во опшеството и системот ќе биде олеснето и сите ќе можат да го најдат своето место на пазарот на труд, односно да најдат работа.

Согласно законот граѓаните кои ги исполнуваат критериумите за добивање социјална помош, должни се во Центарот за социјални работи да пријават дали оствариле некаков приход при што времено го губат правото на социјална помош за период колку што биле работно ангажирани. По престанокот на работниот ангажман, овие лица повторно можат да ја користат социјалната помош, доколку сето тоа уредно го пријават во Центарот за социјални работи. Во спротивно, согласно законот,  тие ќе го изгубат тоа право во период од 12 месеци. Поради викендот не бевме во можност да добиеме  информација од одговорните во охридскиот Центар за социјални работи колку вакви случаи се регистрирани во Охрид.

Ohridnews