Бесот за ремито со Струга и драматичниот пораз од Младост, охридските ракометари го истурија врз последнопласираниот тим на табелата Јехона победувајќи го 38-16 (23-3).


Гостинскиот состав, кој сезонава е топовско месо за противниците имаше позитивен резултат од 2-2. Потоа следуваше серија од 18-0 на охриѓани, по која го решија прашањето околу победникот. За “гладијаторите“ ова е 12-ти триумф сезонава со коj ги оставија во живот шансите за местата кои водат во Супер лигата.

Новиот стратег на охриѓани Ѓоко Апостолов започна со победа, а за одбележување е дека во екипата на охриѓани сите ракометари се запишаа во листата на стрелци. Најпрецизен беше пивотменот Иван Тасески со осум погодоци додека шест пати прецизен беше Карадимче.

Охриѓани натпреварот со Јехона на домашен терен го одиграа во Битола поради суспензијата од три натпревари што му ја изрече дисциплинската комисија на РФМ за инциденти на “езерската“ пресметка со Струга.

Наредниот натпревар охридските ракометари ќе го играат во Скопје против екипата на Работнички.

Мх.П.