Охрид е хит дестинација за дочек на Нова година. Охридските хотели се речиси целосно исполнети, во најголем дел со гости од соседните држави.

-Хотелите „Метропол“ и „Белви“ во овој момент се исполнети над 90 проценти. Најбројни се гостите од Србија, Бугарија и Грција, а интерес има и од домашните туристи, изјави менаџерот Филип Мишески.

Во двата сместувачки капацитети на „Климетица“ исполнетоста е преку 80 проценти.

-Главно тоа се гости од Црна Гора и Србија, а дел од аранжманите се продадени на домашни туристички агенции, изјави Љупчо Цветаноски од х. „Климетица“.

Околу 70 отсто од резервациите се продадени и во хотелот „Тони“, каде исто така најбројни се  гостите од балканските држави.

-Со оглед на интересот очекуваме деновиве да бидат продадени и преостанатите аранжмани за новогодишните празници, истакна менаџерот Владо Секулоски.

Речиси целосно исполнет е и хотелот „Силекс“ кој деновиве ја промовира програмата за дочекот на Новата година.

– Оваа Нова година во Охрид ќе биде екстра одлична исполнетост. Нашиот објект е 90 отсто продаден на гости од Србија и Црна Гора, а  има интерес  и од домашните туристи, изјави менаџерот Тоше Чочороскки.

Главно охридските хотели нудат тридневни аранжмани за Нова година, чија цена се движи од околу 110 до 160 евра по гостин.

OhridNews