Хотел Гранит е само еден од низата хотели на охридското крајбрежје кои водејќи се од желбите и потребите на холандските и белгиски туристи, најавени дека ќе доаѓаат од идната година, внесуваат нови содржини во својата понуда.

До април 2012 , хотел Гранит ќе добие голем и мал базен на отворено, џакузи, како и детски клуб во кој преку целиот ден ќе се врши анимирање на најмладите гости кои ќе престојуваат во хотелот.


Изградбата на новите содржини секако произлегува од желбите и потребите на најавените гости, но истовремено и од нашата сегашна мотивираност да вложуваме, инвестираме, со оглед дека договорите со странските тур оператори се веќе потпишани, а се поголемиот број гости од странските земји станува реалност, вели директороот на хотел Гранит, Пере Кутаноски.

Желбите и потребите на странските туристи се различни, зависно од која земја доаѓаат, но речиси без исклучок тие бараат во рамки на хотелскиот комплекс каде ќе бидат сместени да има и базени на отворен простор, објаснува Миодраг Лега, директор на туристичката агенција Генералтурист- Охрид, која се јавува како партнер на тур- операторите ТУИ Белгија и ТУИ Холандија преку кои, од идната година, ќе се реализираат голем дел од најавените доаѓања на холандските и белгијските гости.


Порано кога ќе разговарав со странските тур- оператори постојано го поставував прашањето- зошто е потребно хотелот да поседува базен кога се наоѓа веднаш до езерото. Сега повеќе не поставувам такви прашања. Иако некои барања за нас можеби звучат нелогично, доколку тоа од нас го бараат странските тур- оператори и гости, наша должност е да ги задоволиме нивните барања во што поголема мера, со цел тие да продолжат и понатаму да летуваат на охридското крајбрежје, нагласува Лега.

Претседателот на ХОТАМ, Дончо Танески најавува дека реновирања, осовременувања и адаптации на хотелските капацитети ќе се вршат во голем број од објектите на охридската ривиера.

Со самиот факт што се потпишани договори со странските тур- оператори во времетраење од две или три години, тоа дава поголема можност да одговориме на барањата на странските гости, да планираме за еден подолг период, да заработуваме и реинвестираме од приходот кој ќе биде остварен во осовременување на објектите, вели Танески.

Туристичките работници потенцираат дека освен што е неопходно да се внесуваат новини во хотелското сместување, неопходни се и дополнителни активности, како што се обуки на хотелскиот персонал за изучување на францускиот и холандскиот јазик. Некои од нив предлагаат да се организираат курсеви за изучување на овие јазици во зимскиот период, односно вон туристичката сезона. 

Тања Кувенџиска