Министерството за здравство и официјално го усвои правилникот за формирање здравствени пунктови во фирми со над 100 вработени Со правилникот донесен врз основа на Законот за здравствена заштита, се предвидува секоја организација која има над 100 вработени да поседува еден дефибрилатор и пет обучени лица за негово користење.
Слична обврска ќе имаат и хотелите, кои ќе треба да поседуваат еден преносен дефибрилатор и опрема за прва помош. Исто така хотелите се обврзуваат за време на организирани свечености и поголеми собири, како конгреси, семинари и слично, да обезбедат присуство на едно лице кое ќе знае да ракува со дефибрилаторот и да даде прва помош по потреба.
Проектот Министерството за здравство ќе го спроведува со помош на Клиниката за кардиологија и Црвениот крст на Македонија, од каде информираа дека обуката на лицата кои ќе ракуваат со дефибрилатори е едноставна и не трае повеќе од неколку часа.
Д-р Сашко Кедев, директор на Клиниката за кардиологија истакна дека дефибрилацијата во западните земји ја прават немедицински лица и не треба медицинска екипа за да се спаси живот, посочувајќи дека цената на дефибрилаторот изнесува колку еден лаптоп.