Од ХОТАМ задоволни затоа што средствата навреме се уплатени, согласно претходно склучениот договор. Дончо Танески, претседателот на Хотелската асоцијација на Македонија, појаснува дека на сметките на неколку хотели се уплатени 25 отсто од договрените суми за закуп, а до крајот на овој месец сите хотелиери потписници на договор со „Корендон“ ќе ги добијат предвидените 25 отсто од закупените аранжмани.
– Тоа е потврда дека на дел од хотелирите кои имаа фиксиран датум за уплата на средствата на 11 февруари, средствата уште вчера им се уплатени, што за хотелиерите е голема помош во овој период кога има малку работа. Со овие средства хотелските работници ќе можат да покријат дел од трошоците, односно хотелиерите полесно ќе ја дочекаат престојната туристичка сезона, вели Танески.
Согласно договорот за фиксен закуп потпишан на крајот на минатата година меѓу охридските хотелиери и холандската филијала на светски познатиот тур-оператор „Корендон“, во девет хотели од охридско-струшкото крајбрежје организирано, во периодот од 6 мај до 18 октомври годинава ќе престојуваат туристи од Холандија и земјите од Бенелукс.
Како што стои во договорот, тур-операторот „Корендон“ се обврзува дека во овој период ќе реализира два чартер-лета седмично до охридскиот аеродром или ќе покрие трошоци за престој на најмалку 5.800 гости или 40.600 ноќевања.