Само 10 отсто од годинешната реколта охридски јаболка се продадени на пазарот, се жалат производителите, кои бараат Владата да им помогне да ја надминат кризата со пласманот. Доколку тоа не се случи, голем дел од јаболката ќе завршат на буниште предупредуваат производителите.

Оваа година досега имаме продадено само десет проценти од собраните јаболка. После февруари јаболката ќе калираат и ќе бидат неупотребливи, вели Илија Богоески, производител на јаболка. Тој посочува дека интерес за јаболката постои само кај  мал дел прекупци, кои за квалитетното охридско јаболко нудат толку ниска цена што не ги покрива ниту трошоците за производство.

Цената на јаболката моментално се движи од 7 до 8 денари по килограм, ретко до 10 денари за екстра квалитетните јаболка, велат јаболкопроизводителите од охридско, кои укажуваат дека секоја цена пониска од осум денари за килограм не ги покрива ниту производствените трошоци и автоматски значи загуба.

Јаболкопроизводителите од охридскиот регион, кој е втор по големина во Македонија според обемот на производството на јаболка, со годишна реколта од 15 до 20 илјади тони висококвалитетно трпезно јаболко, упатија апел до Владата и ресорното Министерство за земјоделство да преземат интервентни мерки за помош. Решението на проблемот во иднина тие го гледаат во здружување на овоштарите и аплицирање до некои од развојните европски фондови, за подобрување на веќе застарените начини на производство и обезбедување континуиран пласман за нивните производи.

Ohridnews