Охридските кандидати за пратеници кои беа дел од кандидатските листи во 5-тата изборна единица, во текот на денешниот ден си го остварија своето избирачко право.
Најрано од сите кандидати, нешто по 7 часот, гласаше Д-р Љубен Арнаудов од ВМРО ДПМНЕ. Тој гласаше на избирашкото место 1249 во ОУ „Св. Климент Охридски.
-Очекувам фер и демократски избори. Во овој дел од градот остекогаш било така и се надевам на уверлива победа на ВМРО ДПМНЕ.-изјави непосредно по остварувањето на своето избирачко право Арнаудов.
Кандидатот Сашо Василевски, кој се наоѓаше на четвртата позиција на кандидатската листа за пратеници на „ВМРО-ДПМНЕ“ смета дека овие избори се од витално значење за Македонија и граѓаните.
-Избираме лидер на нацијата и ново водство во парламентот. Очекувам изборите да поминат мирно, во фер и демократска атмосфера и народот самостојно, чесно и масовно да излезе и да го даде својот глас за Република Македонија, изјави Василевски.
Кандидатот Томислав Тунтев, кој се наоѓаше на втората позиција на листата за пратеници на „СДСМ“, во 5-тата изборна единица рече дека цврсто верува во демократскиот капацитет на охриѓани.
-Дали едни избори ќе бидат фер и демократски не зависи само од денот на гласањето, тоа се оценува според се она што се случуваше во текот на изборниот процес. Државниот и локалниот адмистративен изборен апарат на овие избори не оставија народот слободно да ја искаже својата воља, бидејќи како никогаш до сега имаше притисоци, уцени, закани, купување на гласови и фантомски гласачи, но јас цврсто верувам во демократскиот капацитет на охриѓани, рече Тунтев.
Носитителот на кандидатската листа во изборната единица бр.5 од редовите на ВМРО-НП, Ванчо Костоски, очекува изненадувачки резултати на партијата, со цел изменување на политичката состојба во земјава.
–Нашиот тип на кампања не беа масовни собири, бидејќи знаете наше мислење е дека живееме во недемократска држава со една недемократска власт. Затоа не сакавме наши луѓе, симпатизери и членови кои гласале, да ги откриваме. Затоа изненадувачки ќе биде нашиот резултат. Очекуваме нека десет пратеници, со кои што видно ќе ја измениме политичката состојба во Република Македонија, – рече Костоски.
Носителот на кандидатската листа за 5-тата изборна единица на коалицијата „ГРОМ“, Љупчо Настоски рече дека очекува демократски изборен ден.
-Нашата коалиција ја водеше изборната кампањата во фер и мирна атмосфера и во текот на денешниот ден очекувам да се водат мирни избори, во фер и демократска атмосфера. Им посакувам успех на сите кандидати, изјави Настоски.
Кандидатот Ѓоко Танасоски, кој се наоѓа на 7-та позиција на кандидатската листа на „СДСМ“, за медиумите истакна дека очекува слободни избори.
-Искрено се надевам дека денешните ибори ќе бидат фер и демократски и пред се слободни. Многу важно е сите граѓани кои ќе излезат на гласање, да гласаат по своите лични убедувања и онака како што мислат дека е најдобро. Денеска правиме избор во каква Македонија сакаме да живееме, но исто така треба да понесеме и одговорност за направениот избор, изјави Танасоски.
Кандидатот за пратеник во петата изборна единица од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, потенцира дека кампањата поминала во фер и демократска атмосфера во која сите политички партии имале можност да ги покажат своите програми.
–Се надевам дека изборниот ден ќе биде мирен, како што беше и на 13-ти април. Се надевам дека одредени црни сценарија кои што беа најавувани нема да се реализираат, дека Македонија ќе гласа успешно и дека ќе победи демократијата во Охрид и Македонија. Сакам да го честитам овој ден којшто е празник на демократијата на сите граѓани, а на крај ќе победи нивната волја, – рече Николоски.
Кандидатот за пратеник во петата ИЕ од редовите на СДСМ, Мишел Силјаноски, рече дека денешниот ден треба да претставува свечен чин и вистински празник за демократијата.
–Ги повикувам граѓаните на општина Охрид масовно да излезат и да го искористат своето уставно загарнтирано право согласно највисокиот правен акт во Република Македонија. Да не подлегнат на никаква закани, притисоци, уцени, бидејќи зад параванот се сами. Самостојно да одлучуваат за нивната сопствена иднина и реално да ги вреднуваат понудените кадровски решенијаи програмски концепти и да ја изберат онаа опција за која сметаа дека е најдорба за Република Македонија, – рече Силјаноски.
OhridNews