Кандидатите за пратеници од Охрид гласаа уште во претпладневните часови. Секој од нив во различен термин и на различно гласачко место, пристигнаа придружувани од членовите на нивните семејства.

Меѓу првите гласаше кандидатот за пратеник од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во изборната единица 5, д-р Сашо Василевски кој изрази благодарност до граѓаните за искажаната поддршка.

Ова е еден од најважните денови по осамостојувањето на Македонија и го нарекувам четврти Илинден. Очекувам граѓаните јасно и недвосмислено да кажат не за кантонизација, не за федерализација, не за двојазичност, а да кажат да за унитарна и самостојна Македонија, за нови проекти, болници, автопати, нови фабрики и работни места, да за ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, рече по гласањето кандидатот за пратеник Василевски.

На избирачкото место 1250 гласаше кандидатот за пратеник од СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“, Томислав Тунтев.

Денес е прекрасен ден во Охрид и Македонија. 10 години граѓаните на Македонија го чекаа овој ден, повеќе од две и пол години упорно се боревме да дојде овој ден и јас сум убеден дека денес и граѓаните на Охрид и Македонија ќе изберат живот. Денеска е ден од кога Македонија ќе започне да се враќа во нормален колосек за да заличи на нормална цивилизациска, демократска држава за и ние да имаме малку среќа да поживееме во едно цивилизациско и демократско општество, каде што важат и се практикуваат универзални, европски, цивилизациски вредности. Од утре не чека всушност најтешката борба –да се врати земјата во нормален колосек и со брзи чекори да граби кон својата европска иднина, а младите да ни останат тука во Македонија, рече Тунтев.  

Гласачките места вечерва беа затворени точно во 19 часот.

OhridNews