На одбележувањето на 109-годишнината од Илинденското востание, пеш кон Крушево ќе тргнат  шеесет почитувачи на традицијата од Охрид, како и претставници од македонското друштво „Илинден“ од Тирана, и од Националниот совет на Македонската заедница од Србија, информираат од здружението на граѓани „Христо Узунов“, кое е организатор на маршот.


Учесниците на јубилејниот 10-ти Илинденски марш, утре на пладне во куќата на охридскиот војвода Христо Узунов ќе одржат собир и ќе положат  цвеќе пред неговиот споменик. Попладнето во црквата Св. Троица ќе се одржи литургија и народен собир на кој ќе настапат КУД “Охриѓанка” и естрадните уметници  Тони Михајловски, Елена Велевска, Петар Нечоски и други.


Илинденскиот марш ќе започне утрото на 29-ти јули. Учесниците ќе минат пеш 106 километри преку илинденските села: Куратица, Брежани, Илинска Црква, Мало Илино, Железнец, Доленци, Брезово, Зашле, Долно Дивјаци и други. Во Крушево ќе пристигнат на 31 јули, каде ќе земат учество во свеченостите по повод одбележувањето на националниот празник Илинден.


Илинденскиот марш е востановен во 2003 година по повод 100-годишнината од Илинденското востание со цел зачувување на македонската историја,традиција и култура и зближување и подигнување на патриотската свест кај младите.

OhridNews