Ефикасен напад и маестрална одбрана го красеше охридскиот кошаркарски состав, кој забележа победа 87-71 на дерби средбата против Бест во рамките од петтата рунда во Втората машка кошаркарска лига.


Само една четвртина од мечот Лихнидос – Бест го оправда епитот дерби на колото. Гостите го искористија лежерниот почеток на домаќините и по десет минути играа имаа предност 20-23.

Втората четвртина охриѓани заиграа по нотите на тренерот Весна Балазоска. Нападот фукнционираше беспрекорно додека гостинските кошаркари немаа одговор за пресинг играта на “белите“. На полувремето охридскиот состав замина со предност (+ 16) 46-30.


Најефикасна беше третата четвртина, во која екипите заедно постигнаа 53 поени (28-25). Во бркотницата на теренот подобро се снајдоа кошаркарите на Лихнидос кои дополнително ја зголемија разликата пред решавачката четврта четвртина. 


Во последниот квартал од натпреварот тренерот на “белите“ Балазоска им даде шанса на сите кошаркари да го почуствуваат вкусот на победата во средбата со “добрите“. За кошаркарите на Лихнидос ова е трета победа сезонава и  тоа трета на домашен терен.
 

Мх.П.