Кошаркарите на Лихнидос до петтиот триумф во шампионатот го одбраа потешкиот пат откако на полувремето заминаа со негатива од десет поени 23-33.
Очајната прва четвртина за охриѓани во која постигнаа само шест кошеви резултурираше со негативата од десет поени која гостите ја задржаа и во вториот квартал.
Паузата на полувремето добро им дојде на “белите“. Охридскиот состав експлодираше во третиот период постигнувајќи 34 поени, а на противниците ги задржаа на 22 кошеви и го превзедоа водството во пресрет на последната четвртина 57-55.
Во четвртиот период водството се менуваше, но никоја екипа не успеваше да се одлепи и да го финишира мечот.
Раката на Ренато и Роберт Димитриевси во последните минути од натпреварот не затрепери иако гостите не се предаваа и притискаа за победата.
Поените од слободните фрлања на Асим Челик и Никола Кузески донесоа предност +3. Со брзите поени “портокаловите“ стигнаа до негатива од еден поен.
На две секунди од истекот на натпреварот на линијата за слободни фрлања се најде Иво Христовски. Откако го промаши првото, Христовски мудро го промаши и второто слободно фрлање по што истекоа двете секунди на семафорот и охриѓани прославија нов триумф во втората кошаркарска лига.