-За жал во општата болница во Охрид не може целосно да се спроведе штрајк бидејќи не работиме стопроцентно, односно чекаме вселување во новиот објект. Немаме листи на чекање, а операциите и потешките случаи ги презема болницата во Струга која го поддржува штрајкот, рече д-р Симоноски, кој изјавата за медиумите ја даде надвор од кругот на болницата, бидејќи, управата на болницата не била известена дека ќе има протест на медиционскиот персонал.
Симоноски посочи дека се води сметка да бидат примени и третирани сите итни пациенти и дека редовно се вршат прегледи, но во помал обем.
-Дали штрајкот ќе се интензивира зависи од одлуката која утре треба да ја донесат двата синдикати на лекарите. Доколку тие одлучат здравството да стапи во генерален штрајк вработените од охридската општа болница ќе го поддржат, додаде д-р Симоноски.
Симоноски изрази надеж дека Министерот за здравство и владата ќе најдат разбирање за барањата на лекарите, кои според него се оправдани.
– Нашиот труд не треба да биде девалвиран и не треба да се третираме како криминалци и граѓани од втор ред. Плаќањето по учинок не треба да се одвива со казнување, туку треба да се воведе систем на награди, односно буџетирање на основната загарантирана плата со уставот и додатоците што докторите ги добиваат за дежурства и покривање на викенди и празници.– додава Симоноски.
Инаку, во ЈЗУ Општа болница работата на сите одделенија денеска се одвиваше тековно без прекини, а пациентите уредно добиваа здравствени услуги.
Со штрајкот се солидаризираат и вработени во Заводот за кардиологија во Охрид каде поради специфичноста на болестите кои се третираат нема прекин во работата и сите пациенти се примаат.
Прекин во работата нема ниту во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, исто така поради специфичноста на дејноста. Менаџментот на болницата не информираше дека операционите сали работат со полн капацитет, и дека се примаат сите пациенти. Во однос на проблемите во здравството, од Коснозглобна со став дека сите отворени прашања треба да се решаваат во рамки на институциите.
Од Здружението на лекарите на Охрид, информираат дека мнозинството лекари ги поддржуваат барањата на синдикатите поради кои започна штрајкот на здравствените работници. Претседателот на лекарското здружение во Охрид, д-р Илија Прангоски истакна дека на состаноците на УО и на средбите со лекарите во градот на неколку пати се разговарало за измените во законот здравство во делот на вреднувањето на трудот, и бил заземен негативен став за што здружението писмено се изјаснило.
-И тогаш и сега сметаме дека вреднувањето на трудот на здравствените работници по учинок нема да ги подобри здравствените услуги, туку напротив ќе ја зголеми нервозата и кај лекарите и кај пациентите, изјави за OhridNews претседателот на Здружението на лекари на град Охрид, д-р Илија Прангоски.
И тој истакна дека поради специфичноста на работата која ја извршуваат здравствените установи во Охрид нема прекин во работата, но како што рече, тоа не значи дека лекарите не се солидаризираат со штрајкот