– Оваа година манифестацијата се одржува по четврти пат. Интензивно се подготвувавме два месеци, матурантите го покажаа својот максимум и беспрекорно го изведоа танцот, изјави професор Соња Думбаловска – Делова, која и годинава ги подготви охридските средношколци за матурски танц.
Точно во 12 часот за нов Гинисов рекорд, охридските заедно со матурантите од Скопје, Струмица и Струга и нивните врсници од Србија, Словенија, Албанија, Хрватска и други земји, истовремено го заиграа осумминутниот танц „Квадрил“ на музика од Штраусовата опера „Лилјакот“, во обид да постигнат нов Гинисов рекорд.
-Верувам дека ова ќе прерасне во долгогодишна традиција, што го потврдува и големиот интерес на матурантите и оваа година, кога само десетина ученици од оправдани причини не учествуваа во заедничката прослава на плоштадот, додаде професорката Думбаловска -Делова.
Традиционално по завршување на танцот охридските матуранти ја продолжија забавата на плоштадот, и направија заедничка фотографија со градоначалникот Александар Петрески.