-Сакаме да се консултираме со новинарите во сите градови, со цел да ги информираме за активностите и заеднички да ја надополниме агендата на активности, односно да видиме како може да ја поправиме нашата работа, истакна претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, при посетата на локалната телевизија „Тв М“.

Тој информираше дека иако Здружението почна разговори со претставници на Владата и се потпиша Меморандум за разбирање, во меѓувреме се случуваат работи кои загрижуваат.
-Се случи во Собранието да не им биде дозволен влез на новинарите на одбележувањето на 11-ти Октомври, иако беа уредно поканети да присуствуваат на свеченоста. Денеска има нова пресуда за новинар за клевета и навреда во висина од 75000 евра, а минатата недела колешка беше осудена на казна од 18000 евра. Колегите од А1 се повикуваат на разговор во УЈП. Тоа така не може, ако сакаат да не проверат тоа не треба да го прават селективно, туку треба сите да не проверат, рече Селмани.

Според него ваквите настани внесуваат недоверба кај новинарите за процесот на преговарање и најави дека на следната средба со владините претставници ЗНМ ќе побара објаснување за сето ова, бидејќи како што рече, „невозможно е да се водат разговори во услови на притисоци и доколку тие не престанат можно е преговорите да се доведат под знак прашање.“
Тој упати апел до одговорните институции во земјата да се воздржат од еднострани акции, затоа што отпочнатиот процес за средување на состојбите во медиумите е мошне битен и будно се следи од меѓународната заедница.

Селмани истакна дека и натаму дел од новинарите не се согласуваат со ставовите на ЗНМ и инсистираат да се донесе Закон за медиуми за регулирање на состојбите во медиумската сфера, што според Здружението е еднакво на самоубиство.
-Тоа е во спротивност со препораките од последниот извештај на Европската комисија во кој се инсистира на саморегулација на медиумите, другиот предлог значи регулација, посочи Селмани.













