Сашо Нелоски – МРТВ
Зад нас е година која ќе биде запаметена само по големиот успех на македонските кошаркари. Ни ги разиграа срцата, го разбудија патриотизмот и спортскиот дух кај младите и по којзнае колку време ја сплотија нацијата. Штета што македонскиот народ не е така единствен и во останатите сфери на живеењето, па наместо само овој голем спортски успех ќе можевме да наброиме уште неколку значајни настани кои ја одбележаа 2011-тата.
Што се однесува за настаните во Охрид може да се каже дека годинава која е на својот залез не остави некој значаен белег, ниту во позитивна, ниту во негативна смисла. Помина уште една бледа летна туристичка сезона, која навести дека можеби следната година ќе биде подобро. Се разбира оптимизмот се темели на враќањето на холанѓаните, кои според најавите сигурно ќе бидат присутни на охридското крајбрежје и во наредните три години. Но, лошо е тоа што ги добивме нив, а ги загубивме домашните туристи и гостите од соседните држави, па оценката е дека поминавме пата-пата. Да се надеваме дека туристичките работници ке вложат повеќе напори, па во 2012-та да имаме сезона исполнета со успеси.
Се чини дека во другите области поминавме слично како и претходната година, па многу е тешко да се издвои нешто што навистина би го свртело вниманието на јавноста. Особено тоа се однесува на последните неколку месеци од годинава, кои за нас новинарите беа навистина посни, без големи случувања и минимален број на настани. Можеби така е и подобро, само да не јавуваме за лоши и мрачни нешта, кои и онака ги има во голем број во другите градови на земјава. За идната година би посакал да биде проткаена со големи и убави настани и во Охрид и во Македонија, а граѓаните да уживаат во благосостојба како и сите жители на развиените западноевропски земји.
Успехот на кошаркарите ја сплоти нацијата
Соња Рилкоска – Канал 5
Настан на годината за мене дефинитивно беше успехот на македонските кошаркари на Евробаскетот во Литванија. Нивните победи ја обединија македонската нација, сеуште лебдат сликите од спонтаните масовни славења ширум земјава. На политички план ќе ја споменам и Одлуката на Меѓународниот суд во Хаг со која се испрати една силна порака до Грција дека го прекршила меѓународното право.
Негативен настан локално за мене беше лошата слика на Охрид во текот на летниот период. Панаѓурскиот лик, многуте реквизити, тезги и боксови распослани на секој чекор.Тука ќе ја спомнам и лошата туристичка сезона, како и намалувањето на домашните гости што е загрижувачки податок и треба сериозно да се бара решение.
Позитивно може да се каже дека е тоа што повеќе светски познати медиуми го спомнаа Охрид како добра туристичка дестинација. Позитивен настан е секако и возобнвувањето на Охридскиот театар и враќањето на холандските туристи во Охрид.
Во 2012 година искрено не очекувам некои поголеми промени, но би сакала Охрид да го добие заслуженото место на светската туристичка карта и секако подобар живот за сите нас.
Нина Аритоноска – Сител
Македонските кошаркари со нивните борбени победи ја одбележаа 2011 година во Македонија.
Позитивен настан за Охрид реновиран аеродромот, културни манифестации-театарот конечно профункционира.
Негативни настани во Охрид: кастрењето на дрвјата, безбедноста на катастрофално ниво, слаба туристичка сезона…
На личен план 2011 година можам да речам дека ми беше успешна, но очекувам Новата година да ми донесе повеќе здравје , среќа и успех пред се, а останатото само по себе ќе си дојде.
Од 2012 година во Охрид очекувам подобрување во туризмот со влезот на нашиот град во втората фаза на фискалната децентрализација
Александар Бачиќ – МИА
Охрид оваа 2011 година што изминува ќе ја запамети како годината во која почна враќањето на странските туристи. Да се надеваме дека враќањето на Холанѓаните во Охрид ќе означи почеток на еден процес на повторно заживување на градот кога се во прашање странските туристи, и тоа не само оние од соседството на кои навикнавме изминатите две децении. Тука би сакал да нагласам на потребата од измена и во менталниот склоп на нас самите, да поработиме на себе за да се претставиме како добри домаќини доколку сме решиле да заработуваме од туризмот.
Како настан што ја одбележа 2011 година уште морам да го споменам годинешното 51-во издание на Фестивалот Охридско Лето, чија богата програма го оправда епитетот најзначајна музичко-сценска манифестација во земјата. Настапите на светски познати имиња како Најџел Кенеди и на Тенорите на 21 век, заедно со возобновувањето на Охридскиот театар се настани кои ќе останат дел од историјата на фестивалот, но и потврда за континуитетот на културниот живот на градот.
Театарот стана стварност
Елена Михајловска – Дневник
За разлика од изминатите години, кога во вестите од Охрид, преовладуваше црната хроника, разгледувајќи ја архивата на текстови кои ги имам објавено во 2011 година, наидов на неколку позитивни настани.
Како прв позитивен настан, кој има големо значење за охридскиот туризам е свеченото отворање на реновираниот Охридски аеродром, на кој во текот на летната сезона слетаа и полетаа голем број чартер авиони, со туристи од Холандија, Финска и други странски земји.
Втора позитивна работа, која му се случи на Охрид е возобновивањето на Охридскиот театар, кој годинава започна со редовен репертоар на претстави. Во текот на летниот период на Охридскиот плоштад беше поставен споменикот на Свети Наум Охридски, кој целосно ја измени сликата на централното градско подрачје и секако ќе остави голема трага во годинава што изминува.
Од големо национално значење за Македонија во 2011 година, беше посетата на Претседателот на Европската Комисија, Жосе Мануел Баросо, која се случи во месец април во Охрид. Исто така голем печат на македонската политичка сцена во годинава што изминува ќе остават Парлементарните избори, како и прославата за 20 години од независноста на државата.
Многумина ќе се согласат дека 2011 година најмногу ќе ја запаметиме по успехот на македонската кошаркарска репрезентација, на Европското првенство во Литванија. Тоа беше настан за кој сите славевме и се радувавме.
Тања Маленкова – Тв М
2011 год. – за некого успешна за некого не. Многу оптимистички влеговме во неа, со надеж дека истата ќе биде поуспешна од претходната, но за жал генерално неможе во целост да се пофалиме со тоа.
За потсетување дека по долги најави годинава во месец мај на Охридскиот аеродром пристигна првата организирана група Холандски туристи, која не само за хотелиерите, туку и кај охриѓани влеа надеж за успешни туристички сезони. Охриѓани сигурно со задоволство се потесутуваат на бурното лето, пропратено со спектакуларни концерти, сконцентрирани во месец август, за време на Илинден. Не само ние, туку и многубројните туристи сигурно ќе ги запаметат концертите на светските и домашните ѕвезди.
За поздрав е реконструирањето и по речиси дваесет години пауза пуштањето во употреба на отворениот пливачки базен.
За жал годинава ќе ја паметиме и по неколкуте инциденти во угостителските објекти во Охрид.
Во светски рамки пак настаните кои ја одбележаа 2011 год секако се убиството на водачот на Ал Каеда -Осама Бин Ладен и поранешниот либиски лидер – Моамер Гадафи.
Настан бр 1 кој секако ги сплоти македонците е успехот на Македонската кошаркарска репрезентација на Европското првенство и спектакуларниот дочек на кошаркарите на аеродромот Александар Велики во Скопје.
На личен план оваа година ќе ја паметам по многубројните професионални ангажмани, но и среќните моменти со моето семејство.
За 2012 год. Очекувам позитивна мисла и сплотеност кај сите, затоа што само така може да одиме напред и да ги исполниме нашите цели.
Среќна Нова 2012 год.
На реконструираниот аеродром долетаа холандските туристи
Милчо Јованоски – дописник на Дојче Веле и уредник на ревијата „Охрид Магазин “ Годината, како и животот. Падни – стани. Убави и помалку убави случки на личен и општестевн план. Обично не сакам да се сеќавам на грдите нешта и брзо ги заборавам. Позитивните како и секој друг сакам да се множат.Ама, не е така секогаш!
Одам со ред колеги (така како што замоливте во пораката).
Дваесет години од независноста на Република Македонија. Чувството дека сум се родил, растел, образувал, работам и живеам во Македонија ме прави горд и воедно среќен. Но има и по нешто што ме прави тажен. Предолгата транзиција, ниски плати, сиромаштија и тага која изивира од се поголем број лица и најмногу неизвесноста што виси над сите.
Мачнината е поголема кога за миг ќе заминете надвор од земјата и ќе се вратите од соседството не е важно од каде или од Запад. Се прашувам дали само полтичките елити сите овие дваесет години се виновни за тоа или помалку сите НИЕ.
И додека се делиме на наши и ваши, светот граби напред, младите мозоци заминуваат надвор од Македонија, се иселуваат градат на друго место гнезда. А ние, ние чекаме. Не само јас , туку и илјадници други веќе забораваме што чекаме и на што се надеваме?! Белким на подобар живот, стандард и насмеани лица околу себе!
А, Охрид? Охрид е дел од сиот тој фолклор. Уште не следат сенките од несреќата со бродот „Илиднен“ , убиството на српскиот турист, со спреј уништениот грчки автобус… Долг е списокот на нештата којшто го загрозуваат имиџот на Охрид како туристички центар и бисер.
Позитивно. Враќањето на Холанѓаните, поставувањето на споменикот на Свети Наум, формирањето на театарот, обновувањето на пливачкиот базен и конечно влезот на Охрид во втората фаза од децентрализацијата.
Професионално пред мене нов предизвик. Од пред два месеца излегува двонеделната регионална ревија „Охрид Магазин “ . Пишувам и ја уредувам. Ме радуваат позитивните реакции од читателите. Зад мене се неколку лични и проекти со здружението „КУЛТ ДАМ “и редица прилози за меѓународните DW и SBS од Австралија.
Во 2012 исто како и за оваа. Си посакувам само здравје за мене и моите Љубица и Гордана . Тие се мојот микрокосмос и сигурно пристаниште по секоја бура. Има уште многу, ама желбите велат се чуваат во тајност за да се остварат!
Среќна Нова 2012 на сите колеги и на сите од Охрид!
Нина Кепеска – Радио Слободна Европа – А1
Во светот, за мене настан на 2011-та е што нобеловата награда за мир отиде во рацете на Јеменската новинарка Тавакул Карман, која храбро, без страв и предрасуди во една конзервативна земја ја предводеше Јеменската револуција против режимот на претседателот Али Абдула Салех. Чувството на лично пријателство со првата арапска жена и најмладата добитничка на највисоката награда во светот, за мене е единствено и многу вредно доживување. Скромната Карман, доби светска слава само шест години по нашето другарување на студискиот престој во САД каде двете бевме дел од една прекрасна светска новинарска дружина, која ете роди и една НОБЕЛОВКА, синоним на неустрашливата борба за промени. Што е следно?
Во Македонија настан на годината за мене е згаснувањето на А1, најстарата и најгледаната приватна телевизија во земјата, со една неприродна, забрзана смрт.Ова беше година-одисеја за А1 и нејзините вработени. Болка, горчина, неправда и искушение, но и доблест да се продолжи натаму. Од правот на изгореното стебло, се раѓаат нови фиданки. Секој по својот пат, со својата судбина. Арлија нека ни е, за доброто на медиумите, граѓаните, општеството.
Во Охрид имаше ли настани кои оставија белег во 2011? Освен неговата тотална анемичност, празнотија и замреност вон сезоната.
Лично, 2011 е година на мојата пресвртница, и професионална и приватна. Научив дека ништо не е вечно и дека се е можно. И надолу и нагоре. Најважно е да не се откажеш од борбата, да си дел од играта, да си храбар, одлучен, достоинствен и стрплив, за да бидеш спасен и да победиш. Низ една тешка година, подобро ги запознаваш другите, ама и себеси. Ако си доволно мудар, решителен, работлив и вреден, ќе си го најдеш патот. А тој во 2012, се надевам дека ќе ме однесе во поубав живот.
На Охрид во Новата Година му посакувам да биде многу пожив град, богат со настани, полн со луѓе и крвоток кој пулсира.
Сузана Вренцоска – Супер радио, Вечер
Сензационалниот настап на Македонската кошаркарска репрезентација на европското првенство во Литванија според мене е настан кој ја одбележа годинава. Историски успех кој ќе остане во спортската историја, сензација каде покажавме дека имаме големо срце дека можеме да победиме со секого. Успех кој ги сплоти сите Македонци кои излегоа на улица да го поздрават подвигот на нашите херои. Тоа за мене е навистина голем настан а посебно ми е драго што е од спортот.
Што се однесува до настаните во градот сметам дека немаше некои збиднувања кои можат да отскокнат но тоа е добро со оглед дека години наназад кога ќе се присетувам на некој нај настан тоа е од црната хроника. И годинава бевме сведоци на бројни инциденти, но сепак не се случи нешто спектакуларно што ќе ја одбележи годинава. Но кога би морала да издвојам нешто еве нека биде враќањето на холандските туристи.
На приватен план и годинава ми помина во хармонична атмосфера со моите најмили, иако морам да признам дека имам многу малку време за нив. Професионално премногу работно но тоа ме исполнува. Работните обврски во Супер радио, ангажманот во Вечер и новиот во Охрид магазин се моето секојдневие, што понекогаш и ме исцрпува но и ме прави среќна. Добро е што имам добра организација но и разбирање од најблиските за што сум постојано отсутна од дома.
Можеби сум прескромна во очекувањата но најбитно ми е здравјето и среќата на мојата ќеркичка и посакувам следната година да ми донесе само здравје и среќа во мојот дом.