Членови на Клубот за подводни активности „Охрид“ и на Нуркачкиот центар „Амфора“ при нуркање во Охридското Езеро викендов пронашле 29 бајонети и еден шлем за кои се претпоставува дека потекнуваат од периодот на Првата светска војна.

-Орудијата ги пронајдовме при сосема обично нуркање и ги предадовме на охридскиот Завод и Музеј,-истакна Милутин Секулоски, меѓународен нуркачки инструктор. Тој посочи дека досега нуркачите од охридските клубови имаат пронајдено 80-на парчиња најразлично орудие кое датира од крајот на 18 и почетоткот на 19 век.


Секулоски не ја откри локацијата на која е пронајдено орудието, со цел, како што истакна, да се заштити културното наследство од неодговорни поединци кои кога ќе откријат вредни предмети во езерото наместо да ги предадат на Заводот и Музеј ги задржуваат за себе.


Горан Митрески, кустос во Завод и Музеј Охрид искажа благодарност до охридските нуркачи кои и по завршување на заедничкиот проект „Охрид подводно депо на оружје“  самоиницијативно пронашле артефакти и истите доброволно ги предале во установата.

-Тоа треба да биде пример за сите кои се занимаваат со подводни спортови, кога случајно или намерно пронајдат вредни артефакти да ги донесат и да ги предадат  во нашата установа, тоа меѓу другото е и законска обврска за сите, меѓутоа имаме сознанија дека многу вакви артефакти се  проаноѓаат во и надвор од езерото кои по некакви сомнителни канали се изнесуваат од земјата или завршуваат во приватни колекции.-истакна Митрески.


Кустосот Митрески најави дека по завршување на процесот на конзервација кој е бавен, пронајдените орудија ќе бидат изложени во охридскиот Музеј.

Г. Момироски