Преку едукативни часови, како и преку организирање работилници во рамките на училиштата, ќе се подига еко-свеста кај најмладите. По тој повод, на Светскиот ден за собирање и рециклирање пластика, во просториите на ОУ „Григор Прличев“ во Охрид, учениците беа запознаени со штетноста од пластичната амбалажа, како и со методите на рециклирање на истата.


Од собраните количини на ПЕТ амбалажа, преку заедничка тимска работа на наставниците и учениците, изработени се најразлични пластични украси, кои можат да послужат за декорација. „Огромни количини на ваква амбалажа, денеска беа собрани во просториите на училиштето. Тие наместо да завршат во корпите за отпадоци, беа преработени од креативните раце на нашите ученици. Времетраењето на разградување на пластиката е долготрајно, па затоа преку едукативна програма, најмладите беа запознаени со методите на нејзино селектирање и рециклирање.“ – вели професорката Зора Ѓоршеска од ОУ „Григор Прличев“.


различни украси создадени од креативните ученици

Ѓоршеска не информира дека, кутиите за селектирање на отпадокот, се веќе поставени низ просториите на училиштето, додека акцијата е дел од проектот „ЕКО Училиште“. „Акцијата се одвива на глобално ниво, а со проектот се опфатени сите училишта и градинки ширум земјава. Иницијатори се Граѓанското здружение „ОХО“, како и министерството за образование и наука. – додаде Ѓоршеска.



дел од ПЕТ амбалажата

Покрај овој проект, во рамките на училиштето, спроведени се и акции за собирање на стара хартија, од кои децата ќе изработуваат постери, флаери како и оригами.

Светскиот Ден за собирање и рециклирање, на креативен начин го одбележаа и учениците од ОУ „Св. Климент Охридски“. Тие организираа еколошка акција-маскенбал на кој учествуваа маски изработени од отпадни материјали, односно материјали кои можат да се реупотребат. Координатор на акцијата беше наставничката Дивна Стрезоска.

На маскенбалот учествуваа претставници од сите одделенија, а најуспешните маски беа наградени од жири комисијата, и тоа во две категории, одделенска и предметна настава. Маските беа интересни, необични и креативни.

Акцијата која е дел од програмата Еко-училиште/градинка на Здружението  на граѓани „ОХО“ има за цел да ги поттикне учениците да го дадат  својот придонес кон заштитата на животната средина.

О.Т