По седумгодишна пауза повторно ќе биде  дозволен стопански и рекреативен риболов на ендемските видови пастрмка и белвица во Охридското Езеро. Ова се должи на одлуката трите природни езера да бидат издадени под концесија. Стопанскиот и рекретивниот излов на рибите ќе биде во согласност со правилникот за заштита на рибите кој го  изготви Хидробиолошкиот институт во Охрид.

– За почеток дозволената квота на излов на пастрмка и белвица годишно ќе биде 5000 килограми за стопански и 1000 килограми за рекреативен риболов. Станува збор за одреден минимум за лов на пастрмка и белвица. Доколку во наредните 6 години се покаже дека е позитивно и дека популацијата е заздравена и повратена ќе има измени и во квотите, вели Зоран Спиркоски, од Хидробиолошкиот институт.

Тој објасни дека концесиите за рекретивен риболов ќе станат активни од наредната недела, а концесиите за стопански риболов ќе бидат доделени на почетокот од 2012 година.

– Добивањето на концесијата значи строго почитување на критериумите наведени во секоја од риболовните основи, за секое од езерата посебно. Во новите договори за концесија акцентот е ставен врз обезбедувањето, односно физичката заштита на рибата, обезбедување рибен подмладок, а дури потоа се определуваат начините за стопанисување со рибниот фонд, вели  Спиркоски.

Тој објасни дека во Охридското Езеро ќе мора да се поддржува вештачки мрест на пастрмка и ќе мора да има рибочувари. Во Преспа исто така треба да има соодветен број рибочувари и рибари кои согласно законот мора да имаат положено рибочувараки испити и испити за рибари. А во Дојран интресено е тоа што се воведува традиционалниот лов со мандри.

Инаку, подолг временски период природните езера во Македонија немаа концесионер, а физичката заштита на рибниот фонд се спроведуваше преку Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со полициските служби, што не беше доволно да се спречат појавите на криволов.

Според новите договори за концесионирање, грижата за заштитата на рибниот фонд ќе биде задача на посебна рибочуварска служба, а независно дали ќе се работи за рекреативните риболовци или лицата ангажирани од стопанскиот концесионер, контролата врз самите рибочувари повторно ќе го вршат Инспектратот за земјоделство и полицијата. Хидробиолошкиот институт, ќе биде задолжен да ги следи нивните активности, односно дали ќе се почитуваат критериумите наведени во договорите за концесија.

OhridNews