Охридските пчелари заедно со пчеларите од Струга и Ресен покренаа иницијатива за прогласување на елементарна непогода. Предлогот беше на гласање на средбата во Охрид и прифатен едногласно. Пчеларите од регионот се жалат на лошите и неповолните климатски услови кои, според нив, се причина за катастрофалната пчеларска сезона.
– Изминува една тешка и катастрофална пчеларска сезона. Но, веднаш почнува друга која ќе ја започнеме со големи проблеми. Затоа од името на сите пчеларски здруженија упатуваме апел до преставниците на Владата, сите министри и професори на факултет на ветерина, храна и земјоделски науки за помош. Сите членови на охридското пчелароски здружение покренуваме иницијатива за прогласување на елементарна непогода на национално ниво. Причините ни се аргументирани и ќе ги испратиме до надлежните институции, за да знаат со какви неповолности и проблеми се соочуваме. Долгата, ладна и сушна зима ни ги најави првите проблеми, а мразот во април ги скрати нашите приноси. Капак на се беше топлото лето кое стави крај на нашите надежи за бериќетна година за нас плечарите. – изјави Тони Јосифоски од пчелароското здружение од Охрид.
Зелено светло за иницијативата на пчеларите дадоа и овоштарите, кои се соочуваат со исти проблеми. – За жал последниве години се доста поразителни по природата, а тоа посебни се одрази на земјоделието. Настрадаа многу пчелни семејства од кои бенефит имаме сите ние. Некои овошја меѓусебно можат да се оплодуваат, но некои целиот свој квалитет го добиваат кога се оплодени од пчела. Нашата иницијатива ја поддржа и екологистите кои години наназад говорат дека без корисните инсекти ќе се намали и животот. – рече Ванчо Стојаноски.
Одгледувањето на пчели на некои од пчеларите е единствена егзистенција и според Љупчо Станкоски мора да се најде решение.
– Климатските промени ни задаваат само проблеми, а како што одминува времето немаме веќе надеж дека нешто ќе се промени на подобро. Во некои региони пчеларството има претрпено големи загуби и затоа сето ова мора да се реши со закон, односно да се заштити, бидејќи одгледувањето на пчели нас ние професија и немаме друг начин егзистенција. – додаде Љупчо Станкоски од Ресен.
Пчеларите од овој регион најавија нова средба во Охрид и сумирање на сработеното во периодот кој следува.
OhridNews
















