Охридските пчелари се соочуваат со сериозни проблеми поради се почестата продажба на фалсификуван мед. Според нив, само 10% од медот кој се продава е оригинален, останатите количини се произведуваат од гликозен сируп.

Одгледувам пчели повеќе од 18 години и може да се каже дека од продажбата на мед може добро да се заработува. Но, голем проблем ни прават фалсификаторите на мед, полни се пазарите со таков-таканаречен мед. Само 10% е оригинален мед. Толку многу се извештени во производството на фалсификуван мед што дури и ние кои со години се бавиме со негово производство некогаш не можеме да ги препознаеме разликите. Еднаш купив тегла мед на патот Кичево-Охрид, но и пчелите не го јадеа, вели Тони Јосифоски, претседател на охридското пчеларско здружение.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство признаваат дека продажбата на фалсификуван мед е честа појава и претставува голем проблем, кој се обидуваат да го решат преку чести контроли и преземање на санкции.

Пред две години реализиравме голема акција, но вршиме и редовни контроли, еднаш во месецот, на пазарите и на патот Кичево-Охрид. Казните се до 5000 евра, им се одзема фалсификуваниот мед и сета оперема. Но, и покрај сите напори сеуште има луѓе кои фалсификуваат и продаваат мед. Има ситуации каде и со асистенција на полицијата влегуваме во домови каде е пријавено дека се произведува. Имаше запленето и по пет тона гликозен сируп кој се увезува. Се вршат контроли и на тие количини, бидејќи тој сируп е само за прехрана, а не е наменет за приватни лица да го користат дома. Во наредниот период ќе следат интензивни акции и се надевам дека таквите случаи ќе бидат што помалку, вели Трајче Донев, државен советник за ветеринарство во Агенцијата за храна и ветеринарство.

Во Македонија не се произведуваат доволни количини мед кои ќе ги задоволат потребите на корисниците, па затоа често пати тој се увезува од други земји. Според Донев, медот кој се увезува подлежи на редовни контроли, па согласно тоа, увезениот мед е оригинален.

Проблемите со кои се соочуваат производителите на мед, но и останатите оператори со храна, беа изнесени на денес одржаниот отворен ден во Охрид во организација на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Македонија.

Т.К.