Вкупно 225 пензионери од охридско годинава ќе одат на бесплатна бањско климатска рекреација. Според списокот на корисници кој деновиве го објави Министерството за труд и социјална политика, охридските пензионери ќе можат да се одмараат и да се рехабилитираат само во Дебарски бањи –Цапа, каде што е резервиран седумдневен престој за 11 групи од подрачјето на Охрид. Првата група која ќе брои 18 пензионери, заминува на бања во понеделник на 19 март, а последната група својот бањски третман ќе може да го искористи од 8 до 14 јуни.
Од Подрачната единица на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување во Охрид информираа дека програмата за бесплатната бања предизвикала голем интерес кај охридските пензионери, па годинава за оваа субвенција биле пријавени над 300 корисници на старосна, инвалидска и семејна пензија.
Инаку услугата за бањско климатска рекреација, опфаќа шест полни пансиони, три оброци дневно, еден задолжителен здравствен преглед како и трошоци за превоз од местото на живеење на корисникот до бањата.
Годинава на бесплатно бањско лекување ќе заминат над 10.000 пензионери од Република Македонија, а за таа намена ќе бидат издвоени 35 милиони денари од државниот буџет. Министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, неодамна изјави дека проектот за бесплатна бања ќе се реализира и во наредните 4 години.











