Преставници на Здружението на пензионери на Охрид и Дебарца вчера беа во посета на Геронтолошкото одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид. На пациентите кои се сместени на ова одделение, пензионерите им подарија топли обувки и ги почестија со домашни специјалитети, пити, питулици, штрудли и овошје.

-Нашата посета е традиционална секоја година, а целта е да не ги заборавиме нашите пензионери кои се сместени во оваа здравствена установа, бидејќи тие се наши членови на здружението и водиме грижа и за нив во рамките на нашите можности колку што ни дозволуваат. Верувам дека тие се задоволни од сместувањето, условите и негата од медицинскиот персонал што им се пружа во оваа наша здравствена институција, рече Стефан Владимиров, секретарот на здружението.

За посетата на пациентите во име на Геронтолошкото одделение се заблагодари д-р Јасмина Грозданоска.

-За нашите пациенти посетата има големо значење, бидејќи тие многу се радуваат при секоја посета. Во одделението се сместени 33 пациенти со релативно добри услови, но потребите од сместување се многу големи. Нашата здравствена установа, води сметка за решавање на овој долгогодишен проблем. Во тек е решавањето на имотно-правните односи  за просторот на кој ќе се гради  нов стационар за сместување на оваа категорија на пациенти. Новиот објект ќе се гради на постојниот стационар и се планира да има капацитет за околу 100 пациенти, рече д-р Грозданоска.

Оваа посетата беше реализирана во рамки на програмските активности на Активот на пензионерки при здружението и таа се одвива секоја година по повод новогодишните и божикните празници.

OhridNews