По пат на јавно надавање, што ќе се одржи утре, под закуп ќе бидат издадени 15 плажи на охридската ривиера, чии договори се истечени уште минатиот септември.
Со јавниот повик се опфатени плажи на атрактивните локации кај Билјанини Извори, Канео, Горица, Лагадин, Елешец, Потпеш, Лабино и Грашница.
Постапката за давање на плажите под закуп е започната неколку месеци пред почетокот на туристичката сезона, со цел формалните постапки да завршат навремено, а закупците да имаат доволно време да ги исполнат обврските кои произлегуваат од договорите во насока на навремено и квалитетно уредување на плажите со цел подготвено да се пречека туристичката сезона, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Оттаму објаснуваат дека плажите треба да се уредат согласно сите туристички стандарди – со поставување на сервисен пункт, тушеви, санитарни јазли, лежалки и други реквизити и содржини за пријатен и забавен престој на туристите, како и попесочување на плажите. Исто така, согласно насоките и упатствата за уредување на плажите, за користење на плажата закупецот е должен да овозможи слободен влез за посетителите т.е. да не се наплаќа надоместок за плажата, а при планирање на просторот, треба да се води сметка 40% – 60% од плажата да биде слободна за користење без оптоварување со лежалки и други реквизити, информитраат од Министерството за транспорт и врски.
Најповолните понудувачи за закуп на плажите кај Билјанини Извори, Горица 3 и Грашница ќе бидат обврзани на своја сметка да постават мали пристаништа најдоцна до 15. јуни, согласно акциониот план за поставување, односно монтирање на мали пристаништа на езерата, со цел дополнителна промоција на туристички атрактивните места во Република Македонија и подобрување на условите во внатрешната пловидба.
Доколку некоја плажа не биде дадена под закуп, тогаш ниту едно правно или физичко лице нема да има право да оперира со таа плажа, односно ќе биде слободна за користење, појансија од Транспорт и врски.
Дел од концесионерите кои до сега стопанисуваа со плажите на Охридското крајбрежје, од потегот на Горица до Пештани, бараат да им се продолжат договорите за закуп, затоа што со досегашното стопанисување, не успеле да ги повратат парите, кои ги вложиле за уредување на плажите. Тие се пожалија на новите критериуми и поскапите цени на закупнината, а некои од нив најавија и дека нема да учествуваат на јавното надавање кое ќе се одвива по електронски пат.