Охридските пожарникари извлекоа старица од куќа во која беснеел пожар. Околу 11.45 часот во Противпожарната единица во Охрид пристигнал повик за пожар во куќа на улица „Крали Марко“. Веднаш било интервеенирано со две возила и шест пожарникари кои со огнот се справувале два часа. Тие успеале од пламените јазици да спасат тешко подвижна жена на возраст од околу 80 години, која со возило на брза помош била пренесена во општата болница, каде е хоспитализирана. Засега нема други информации за здравствената состојба на старицата.

Како што информираат од противпожарната единица, пожарот целосно го зафатил првиот кат од куќата, додека на вториот предизвикана е помала материјална штета.

Истрагата треба да ги утврди причините за пожарот, кој според првичните неофицијални информации најверојатно бил предизвикан од неисправна електрична инсталација.

OhridNews
фото: архива