Охридската Противпожарна единица доби холандска донација која се состои од заштитни одела, обувки, наочари и останати реквизити со кои се очекува зголемување на безбедноста на пожарникарите и ефикасноста при изведување на интервенциите. Донацијата доаѓа од Противпожарната единица од холандскиот град Лејден.
– Минатата година престојувавме во Охрид, ја посетивме и Противпожарната единица и зборувавме за опремата. Кај нас опремата се менува на секои 7 или 8 години, па така сме во можност да ја донираме искористената опрема. Ветивме дека кога ќе дојде време да ја обновиме нашата опрема ќе контактираме со нашите пријатели во Охрид, драго ни е што можеме да помогнеме, вели Том Кот командир во Противпожарната станица во Лејден- Холандија.
Својата благодарност за донираната опрема ја искажа командирот на охридската Противпожарна единица, Спасе Прентоски кој нагласи дека голема заслуга имаат и дел од вработените во охридската единица кои постојано биле во контакт со своите колеги од Холандија.
– Сега ќе бидеме подобро опремени. Сметам дека во догледно време локалната самоуправа не ќе можеше сето ова да го обезбеди со оглед на тоа дека една нова опрема чини околу 1500 евра, а овие одела се произведени во 2009, 2010 и 2011 година , додека пак опремата која досега ја користевме е стара 20 години, изјави Прентоски.
На чинот на примопредавање на донираната опрема присуствуваше и градоначалникот Никола Бакрачески.
– Се надевам дека ова е само почеток на тесната соработка меѓу двете противпожарни единици. Им заблагодарувам на сите оние кои изминатите неколку месеци вложија напори да се обезбеди донацијата, рече градоначалникот Бакрачески.
Дел од донираната опрема ќе се користи и за потребите на Противпожарната единица во Струга.
Т.К.