Охридските пратениците од ВМРО ДПМНЕ поднеле амандмани на ребалансот на државниот буџет за субвенционирање на штетите од земјотресите и субвенционирање на станоиздавачите кои поради честите потреси имале помал број на гости.

Како што појасна пратеникот Љубен Арнаудов, во просек, субвенцијата треба да изнесува 37.500 денари по кревет или вкупно околу 10 милиони евра.

– Тоа е бројка која би требало да биде исплатена за директни штети. Истовремено треба да се пресметаат и индиректните штети за бродарите угостителските објекти итн. СДС наместо да издвојува големи суми за вработување на партиски послушници, за набавка на морски плодови за трпезите во владата, треба да покаже доблест и да го изгласа овој наш предлог за доброто на Охрид и граѓаните, рече Арнаудов.

Според Арнаудов, поради земјотресите, бројот на домашните гости во Охрид значително е намален, повеќе од 80% резервации биле откажани, а останати се само субвенционираните туристи со мерките на владата на ВМРО ДПМНЕ.

– Најголема штета од земјотресите имаат станоиздавачите од кои повеќето имаат земено кредити, инвестирале во објектите и се надевале дека ќе можат да ги вратат позајмените пари преку добивката остварена во текот на сезоната, но и да заработат нешто за егзистенција. Додека станоиздавачите и хотелиерите се соочуваат со егзистенционални проблеми владата на СДС молчи, иако има обврска да се грижи за граѓаните, вели Арнаудов.

Во Охрид има 17.000 легла од кои 13.500 се во приватни апартмани, а 3.500 се хотелски.

OhridNews