Граѓаните на Охрид кои што имаат проблеми  или предлози до охридските пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, може да ги исконтактираат единствено преку партијата, затоа што Канцеларијата за комуникација на пратениците со граѓаните од оваа политичка партија сеуште не е ставена во функција.

Иако пратеничките маданти на Александар Николовски и Харалампие Шокаровски се верификувани пред пет месеци, на вратата пред канцеларијата сеуште стојат имињата на Анита Кипаризовска, Цветко Грозданов, кои беа во претходниот парламентарен состав на Собранието на Република Македонија.

Која е причината поради која сеуште не функционира оваа пратеничка канцеларија не можевме да дознаеме, затоа што  вратата на канцеларијата беше постојано затворена иако на неа беше истакнато дека работи секој работен ден од 11 до 16 часот. Во неа не успеавме да влеземе ниту во петокот кога според предвиденото треба да биде  приемен ден на пратениците.

Во Канцеларијата за комуникација на пратениците со граѓаните на СДСМ, која се наоѓа наспроти канцеларијата на ВМРО, истиот ден,  наидовме на поинаква состојба. На канцеларијата беше истакната информација за тоа дека во канцеларијата работи пратеникот Митре Велјаноски, кој е избраник во новиот собраниски состав. Во канцеларијата не пречека неговата асистентката која ни објасни дека пратеникот не бил тука за приемниот ден, поради Собраниската седница, на која морал да присуствува.

-Канцеларијата на  претеникот  Митре Велјаноски започна со работа од 1-ноември годинава. Граѓаните можат да закажуваат средби со пратеникот и да се информираат за други детали околу нашето функционирање секој работен ден од 10 до 15 часот. Пратеникот има приемен ден во петок од 10 до 15 часот, кога ги прима сите заинтересирани граѓани. Има интерес од страна на граѓаните, најчесто за помош за лични прашања, социјални проблеми и предлози. Исто така граѓаните можат да се обратат и за споделување на  размислувања и грижи за одредени законодавни прашања, вели Ирена Смилеска, асистент во канцеларијата на пратеникот Велјаноски.

Таа објасни дека свечено отворање на канцеларијата сеуште не направиле и дека тоа ќе го направат наскоро.

Инаку парламентарната мрежа на Собранието на Република Македонија за комуникација на граѓаните со избраните пратеници, која започна да функционира во 2009-та година има за цел да го зголеми учеството на граѓаните во процесите на носење на одлуки и креирање политики.

Проектот за отворање на вакви канцеларии го имплементира Институтитутот за парламентарна демократија-ИПД, Собранито на Република Македонија и ЗЕЛС, а е финансиран од Швајцарската агенција за развоиј и соработка-СЦД.

OhridNews