– Во продавниците претежно се нуди облека која е за тинејџери и пред се е со слаб квалитет. Можам да кажам дека квалитетот дури е и под секое ниво, затоа што бутиците се преплавени со облека од Кина, за која често пати продавачите воопшто и не се погрижиле да ја испеглаат пред да ја понудат во својата продавница. За оние повозрасните, воопшто не може да се најде соодветна гардероба. За чевли и да не зборуваме, само две или три се продавници во кои може да се набават. Тие што имаат можност одат да купуваат во Скопје или надвор од земјата, но поради финансиските можности, за жал нивниот број е многу мал– велат повозрасните охриѓанки.
Сопствениците на охридските бутици се правдаат дека набавуваат облека според потребите на купувачите и она што се бара. – Набавуваме од Турција или евентуално Грција, но мора да се земе предвид фактот што последните неколку години поради економската криза немаме можност да носиме облека со повисок квалитет која потоа би се продавала со повисоки цени, кои буџетот на охриѓани не може да си го допушти , велат охридските трговци.
Па така, во недостиг на продавници кои би понудиле облека со пристоен квалитет и цена, охридските жени за неколку парчиња облека се принудени да патуваат во другите градови. Останатите или треба да го прифатат тинејџерскиот стил на облекување или пак облеката да си ја шијат на кројач.