Три дена после дерби пресметката со “езерскиот“ ривал Струга, која заврши без победник (19-19) охридските ракометари во кафе барот “Офсајд“ ги сумираа в печатоците. Ремито со лидерот на табелата ги оддалечи охриѓани од позициите на табелата кои водат во Супер лигата.


– Емоциите не спласнуваат, многу сум разочаран што не успеавме да ја совладаме Струга. Болката е голема бидејќи две години во низа се што правиме цела сезона го расипуваме во еден натпревар – рече Атанас Поп Стефанија.

Охридската публика како никогаш до сега посакуваше победа над Струга. Но, на крајот мораше да се задоволи со реми, кое тешко го поднесе.

– Како публиката така и ние сме разочарани бидејќи не успеавме да победиме и да се доближиме до Супер лигата. Никој не е крив, мора да ги кренеме главите горе и да продолжиме понатаму – истакна миленикот на публиката, голманот Ристе Китевски.


По завршувањето на мечот на теренот настана конфузна состојба, која го расипа одличниот впечаток за дербито.

– Не сакав да се случи тоа што ни се случи во Богданци, кога примивме погодок во последната секунда од натпреварот и загубивме. Мислејќи дека има десет секунди до крајот од мечот отидов да направам тактички фаул, на кој Бојан Белески реагираше бурно и тоа беше доволна причина да влета публиката и да ја расипе убавата слика за “езерското“ дерби – потенцираше Крсте Андоновски.


“Езерската“ пресметка како и секој натпревар на Охрид на домашен терен помина со емотивен коментар на Михаил Постоловски, кој посочи – Како што беше натпреварот исцрпувачки за ракометарите така беше и за мене. Три дена се подготвував за мечот на сезоната за охридскиот ракометен состав. Охриѓани го оставија срцето на теренот, а изостана само победа над лутиот ривал.

Ohridnews