Ракометарите на Охрид 2011 во деветтата рунда од шампионатот ќе се сретнат со Работнички од Скопје. Мечот се игра в недела во 16 часот во спортската сала “Билјанини Извори“.


Пред гостувањето во Охрид, “црвено белите“ ја “преслушаа“ Струга со 33-27. Наспротив охриѓани имаа одлична увертира за мечот со Работнички откако ја збришаа последнопласираната Јехона (33-23).

– Работнички не е екипа што смее да се потцени. Нивните победи со останатите наши конкуренти за висок пласман ќе не натераат да одидграме крајно мотивирано. Ние ќе си ја наметнеме нашата игра и нема да им дозволиме поволен резултат – посочи Крсте Андоновски.


На последните два натпревари против Струга и Младост 09, тимот на Работнички постигна вкупно шеесет и три голови. На мечот со скопјаните на вистински испит ќе биде одбраната и голманите на охридскиот клуб.


– Тие имаат добар и ефикасен напад, но ние имаме одговор за секој во лигата. Сепак оваа сезона повеќе внимание обративме на нападот. Сепак, на последните тренинзи повторно ставиваме акцент на враќањето на цврстата одбрана, што ни преставуваше заштитен знак. В недела на ракометарите на Работнички не им преостанува ништо освен да се помират со фактот дека во Охрид бодови за нив нема – заврши Андоновски.

Мх.П.