Во организација на Културниот центар “Кармен Силва“ од Синаја, Република Романија, унаку збратимен град со Охрид, од 11-17 септември се одржа меѓународната уметничка работилница – “Културна разновидност без граници во Синаја“. На манифестацијата успешна презентација имаа нашите сограѓанки, Сања Фармаковски и Данче Наумоска, кои се претставија со свои креации од длабока резба и бакрорез.
-Интересно беше што за време на изработката на нашите креации, активно учествуваа и ученици од Синаја кои ги учеа тајните на резбата. Имавме можност Охрид и неговото културно богатство да го претставиме на Национален телевизиски канал, а организаторите треба да изготват и документарен видое запис од целата манифестација. Како влог за иднината и продолжување на традицијата на оваа манифестација, уметничките дела кои таму ги изработивме ќе останат како екпонати на постојаната изложба во Културниот центар “Кармен Силва“ – ги пренесува впечатоците од Романија, Сања Фармаковски.
Втората учесничка од Охрид, Данче Наумоска, ја истакна гостопримливоста на домаќините и се надева дека искуствата од Синаја ќе помогнат и во Охрид да се реализира слична културна манифестација.
Сања Фармаковски пред романската јавност се претстави со резба во дрво со ликот на Св.Никола, а Данче Наумоска со релјеф – орнамент од ореолот на Св.Богородица, мотив од црквата Богородица Перивлептос.
Покрај од Македонија, на работилницата учествуваа уметници со свои рачни изработки од Велика Британија, Турција и домаќините од Синаја. Манифестација финансиски е поддржана од европските фондови.
OhridNews