Фејзо Шемо, претседателот на охридскиот огранок на Демократски сили на Ромите од Македонија, го потсетува градоначалникот кој јавно истакна дека ги почитува Египќаните од Охрид кои се маргинализирана група која е најчесто асимилирана и обесправена, дека во Охрид живеат и Роми кои не уживаат некој подобар статус. 

Секоја чест на заложбите на г-дин Петрески како градоначалник, но нека остане достоен при систематизирање на работни места за кои тој има ингеренции и моќ во одлучување и креирање на позициите на локално ниво, нека предвиди работни места и за Египќаните, но и за Ромите од Охрид и на тој начин нека ја истакне својата почит и љубов кон овие две етнички заедници, вели Шемо.
 
– Точно е дека помалите етнички заедници се секогаш на удар од поголемите, но ако се здружиме и покажеме волја за соработка и соживот дури тогаш „малите риби ќе можат спокојно да пливаат со големите“ без притоа да се грижат и стравуваат за последиците од проблемите кои секогаш ни се наметнати од некој на кого тоа му одговара. Ние од партиското раководство на ДСРМ  сме отворени за соработка  со сите граѓани и сме секогаш тука да помогнеме на помалите етнички заедници. Секој има право на избор во својот живот, а тоа право е загарантирано и со Уставот како највисок правен акт во државата, есенцијата на едно демократско општество се согледува токму во можноста на избор и одлучување на индивидуата за својата личност. Да не дозволуваме никој да предизвикува меѓусебна нетолерантност и тензија во овие моменти кога тоа најмалку ни е потребно. Ние Ромите од РМ немаме никаква намера да асимилираме некого, а најмалку Египќаните од Охрид кои се наши добри пријатели, стои во писмото на претседателот на охридскиот огранок на ДСРМ.

OhridNews