Со пригодна свеченост, во Центарот за култура „Григор Прличев“ се прослави 8- ми април, Светскиот ден на Ромите.

Од страна на генералниот секреатр на партијата Демократски сили на Ромите, Сејфо Кадри, беше искажана голема благодарност за поддршката која Ромите во Македонија ја добиваат од актуелната власт, која како што потенцира Кадри, поажа слух за соработка и решавање на проблемите на ромската заедница во Македонија.

– Проблемите на ромската заедница кои со години се таложеа, постепено се решаваат. Со потпишување на Националната стратегија и прогласувањето на Декадата на Ромите, Владата се обврза дека ќе инвестира во задоволување на потребите на Ромите. Чекор напред е направен, добар процент од предвидените активности се исполнати, но уште треба да се работи, нагласи Кадри.

Тој изрази надеж дека на претстојните локални избори Охрид ќе добие градоначалник од редовите на ВМРО- ДПМНЕ, со што би се отстранале досегашните пречки во однос на поддршката која локалната власт им ја дава на Ромите. – Со тоа ќе следи и побрза интеграција на Ромите во општеството, рече Кадри.

Присутните ги поздрави и претседателот на општинскиот огранок на Демократски сили на Ромите, Фејзо Шемо и претседателот на општинската ВМРО- ДПМНЕ, Атанаско Михаилов кој потенцира дека ВМРО- ДПМНЕ на локално ниво, заедно со ДСР во иднина од Охрид ќе направат поубаво место за живеење каде Ромите ќе бидат интегрирани во секој сегмент од живеењето.

Свеченоста ја збогати и настапот на пеачот Петар Нечоски кој исполна неколку песни на ромски јазик, кои со задоволство беа прифатени од страна на присутните.

Т. К.