Охридско ѓомлезе, тресена пастрмка, охридски чомлек и охридска торта, се само мал дел од традиционалните јадења кои по уникатен рецепт се подготвуваат само во Охрид. Но и покрај тоа што овие специјалитети се своевиден охридски бренд, само мал дел од угостителските објекти во нашиот туристички бисер, ги нудат на своите менија.
Туристичките водичи кои секојдневно водат групи низ Охрид велат дека целокупната угостителска понуда во градот се сведува на скараџиски производи и италјанска храна.
-Имаме многу малку ресторани кои нудат карактеристична македонска храна и охридски специјалитети, а голем дел од рестораните кои се именуваат како национални во менијата имаат само неколку традиционални специјалитети, а сета останата понуда е месо испечено на скара, пици и тестенини, вели еден искусен туристички водич со кој пораговаравме на оваа тема.
Причината за малата понуда на национални и охридски специјалитети, угостителите ја правдаат со малата потрошувачка и конкуренцијата.
-Покрај тоа што на нашето мени има специјалитети кои се традиционални за охридското поднебје и се именувани како „охридски“, сепак поголема побарувачка имаме на останатата храна која е од комерцијална природа како што се чорби, салати, скара, помфрит и слично, кои поради конкуренцијата мора да ги имаме на нашето мени, вели вработен во еден охридски национален ресторан.
Туристичките експерти сметаат дека многу лошо на имиџот на Охрид влијае фактот што често во промотивните материјали се приложуваат слики од традиционална храна, која потоа туристите немаат каде да ја пробаат.
-Кога ги нудиме или ги промовираме локалните специјалитети кои што се карактеристични за Охрид и кои ги препорачуваме на туристите во промотивните материјали, треба истите да ги имаме во понудата на рестораните. На пример ние го промовираме охридското ѓомлезе како традиционален специјалитет, но истото многу ретко се нуди на менијата во рестораните. Тоа е исто како во промотивен материјал да нудите некој манастир, а истиот да не е отворен за туристите и тие да не можат да го видат, вели д-р Сашо Коруновски декан на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
Според него мора да се изработи едно сеопфатно истражување за менијата во охридските ресторани.
-Врз основа на добиените резултати од истражувањето, заедно со претставниците на угостителските здруженија и другите туристички чинители ќе треба да се утврди каква е моменталната состојба со понудата на традиционални специјалитети и дали е потребно да се направат промени во менијата, вели Коруновски.
Како дел од промотивните туристички активности посветени на традиционалните специјалитети, Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид за првпат минатата година во селото Скребатно ја организираше манифестацијата „Охридска софра”.
Овој настан имаше за цел да ги запознае гостите и посетителите со богатството на охридската традиционална кујна и пијалоци од домашно производство. Во рамки на промоцијата на традиционални јадења се одржа и традиционалната „Ѓомлезијада”.
Исто така, во насока на промоција на локалните и националните кулинарски специјалитети општина Охрид, пред неколку години го промовираше и веб-порталот www.nationalcuisine.mk .
Е.М