Дваесет талентирани средношколци од СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ – Охрид, од насоката дигитален маркетинг, вчера блеснаа со својата креативност, иновативност и претприемачки дух. На хакатонот „Хајделберг 2025“ во Охрид, организиран од Хајделберг Факултетот, младите идеи добија форма во вид на конкретни бизнис концепти и дигитални маркетинг стратегии.
Работејќи во тимови, средношколците развиваа иновативни решенија, покажувајќи и визија и реална применливост. Победничкиот тим ќе добие единствена шанса – еден ученик ќе биде награден со целосна стипендија за студии на Хајделберг Факултет, додека двајца негови соученици ќе добијат ваучери во вредност од 1.600 евра за специјализирана обука Дигитален маркетинг на истиот факултет.
Жирито, составено од врвни професионалци – Татјана Лопарски, сосптвеник на ПР агенција и професорка на Хајделберг факултетот, Мирјана Алексова, исто професорка на факултетот, и Валон Ибраими, експерт за маркетинг кампањи на социјални медиуми, внимателно ќе ги разгледуваат нивните проекти и ќе ја донесат финалната одлука: која група ќе ја добие можноста да студира на оваа престижна високообразовна установа односно да ја следи ексклузивната обука за дигитален маркетинг, под менторство на врвни експерти.
Хакатонот е резултат на неодамна потпишаниот меморандум за соработка меѓу СОСУ „Св. Кирил и Методиј“ Охрид и Хајделберг Факултет Скопје. Посебна заинтересираност во средното училиште имаше околу начинот на кој се одвива наставата во Хајделберг – хибридно со пракса, односно три дена теоретска настава и два дена практична работа.
Хакатонот не беше само натпревар, туку и симбол на новата ера во образованието – каде знаењето е применливо, а учениците се подготвени уште од училишна клупа да влезат во светот на дигиталниот бизнис, велат организаторите.
OhridNews