Само 30-тина охридски таксисти се пријавиле за бесплатните обуки за изучување на англиски јазик кои ќе ги организира општина Охрид. Надлежните во охридската локална самоуправа велат дека иако Јавниот повик за пријавување на такси возачите е отворен повеќе од 40 дена, интересот за пријавување е многу мал.
-Бројката на пријавени опфаќа 10 % од вкупниот број на лиценцирани такси возила во Охрид. Според нашата евиденција во моментов имаме околу 320 такси возила, кои имаат лиценца за вршење на такси превоз. Малиот интерес е неочекуван со оглед на фактот дека изучувањето на англиски јазик е предвидено со Законот за изменување и дополнување на законот за превоз во патниот сообраќај. Токму поради овие законски одредби општините беа задолжени да ги организираат јазичните обуки за таксистите бесплатно, велат од Секторот за комунални дејности, собраќај и улици при општина Охрид.
За законската обврска за познавање на англиски јазик, охридските такси превозници беа запознаени и лично од градоначалникот Никола Бакрачески, на средбата која се одржа на почетокот од овој месец, во просториите на општина Охрид.
Сопствениците на неколку такси компании од Охрид, со кои успеавме да исконтактираме велат дека за посета на јазичните курсеви, таксистите треба да се пријават индивидуално.
-Ние не сме обврзани како фирми да ги пријавиме возачите на курсевите и одлуката за изучување на англиски јазик нашите вработени треба да си ја донесат сами. Освен законската обврска, познавањето на англискиот јазик е од голема корист за такси возачите бидејќи Охрид е туристички град, па многу често такси превозот го користат странските туристи, велат сопствениците на такси компаниите.
Дел од охридските самостојни таксисти кои возат со сопствени возила, сметаат дека изучувањето на англиски јазик, за нив е дополнителна обврска и дека немаат време да одат на часови, а дел од нив тврдат дека доволно го познаваат англискиот јазик.
Според Јавниот повик за изучување на англиски јазик, чиј рок истекува до крајот на оваа седмица, може да се пријават такси возачи вработени во правни лица, лиценцирани за такси дејност од општина Охрид.
-Обуката за изучување на англиски јазик опфаќа посетување на предавање кое ќе го вршат професори по англиски јазик. Обуката ќе содржи 80 часови односно 40 блок часови, а трошоците за обука за изучување на англиски јазик се обезбедуваат од општинскиот буџет, пишува во Јавниот повик кој е објавен на 9-ти септември 2014 година.
Oд Министерството за транспорт и врски пред извесно време соопштија дека до 1-ви јануари 2017 година за секој такси-превозник ќе биде задолжително познавањето на основен англиски јазик – ниво А1 според Заедничката европска референтна рамка за јазици на Совет на Европа (CEFR).
Е.М